Слово за татко ми

English

Ванѓел Ѓеорѓиевски

1 август 1953 – 26 јануари 2024

Ванѓел или Ване, како што го викаа многу роднини и пријатели, а Ванче за нас дома и блиските, беше мојот татко. Сопруг на Снежана, татко и на Борче (Ана) и дедо на Иво. Израсна во Чифте фурни, најмладиот меѓу една сестра и двајца браќа, во преку 100 години старата куќа на неговите родители, Борис и Марионка. Основното образование го заврши во „Св. Кирил и Методиј”, продолжи во средно училиште за стопанство, а беше и студент краток период. Околу својата триесетта година ја запозна мајка ми и се ожени, дотогаш гордо носејќи го епитетот „најстар ерген во фамилијата”. Татко ми и мајка ми се од онаа генерација која високо ги ценеше посветеноста, трудољубивоста и гостољубието.

Едно од моите најрани сеќавања на татко ми е од едно зимско студено утро, кога имав пет или шест години. Седев на санка, а тој ја влечеше низ снегот. Така тој со мајка ми нѐ носеле брат ми и мене в градинка во зимско време. Долго време ми требаше да сфатам колкав подвиг беше тоа за него и мајка ми, но токму таквите подвизи ја обликуваа мојата истрајност и го трасираа мојот животен пат.

Во 1993 година, татко ми и мајка ми ја изградија новата куќа на местото на старата. Со свои раце, со помош од пријателите и роднините, во време на немаштија, создадоа дом кој беше повеќе од обична куќа. Имале необична замисла за дизајнот на куќниот простор – да биде простор за заедништво, место каде што се собираат семејството и пријателите. Растев со чувството дека нашиот дом не е само наш, туку тоа беше топла станица за многумина. Тоа беше така бидејќи татко ми беше оска околу која се движеа луѓето. Беше дружељубив, несебичен, посветен, и секогаш подготвен да даде сѐ од себе за другите.

Татко ми беше вешт со алати, немаше проблем да поправи нешто, а често знаеше и да создаде некоја необична направа. Малку беа моментите кога не му правев друштво во тие активности. Ја поддржуваше мојата љубопитност и желба да научам да ракувам со алатите, да поправаме и создаваме заедно. Сѐ што денес знам од мајсторлук, го научив од него.

Имаше огромна љубов кон патувањата. Секогаш беше возбуден од нови места и со детска радост и љубопитност ги впиваше убавините на светот околу него. И последното наше заедничко патување во САД го помина со истата таа жар – радоста и воодушевувањето од новото и убавината на природата, градбата, направата…

Татко ми беше љубител на музиката. Се радуваше и не го пропушташе Новогодишниот виенски концерт, а и јас пораснав со таа традиција. Обожаваше да слуша музика, особено на грамофон кога знаеше и да ечи маалата со звуците на „Рокери с Мораву” или „Queen”. Не беше љубител на танцувањето, а и не го биваше, меѓутоа и тоа што го „танцуваше” имаше свој посебен шарм – странично подигање на едната нога, подвиткувајќи и исправајќи ја со повторувачки движења.

Често заедно гледавме ракомет и филмови, иако никогаш не сакаше да ме дружи кога имаше хорор филм. Беше емотивен на убавите и трогателни филмски сцени и понекогаш знаеше да заплаче, а на мајка ми ѝ служеше да се пошегува со него. Таа емотивност не беше само пред екраните, таа беше дел од него. Му ги паметам солзите радосници и растрепереноста кога ми честиташе за дипломирањето и докторирањето.

Најголем дел од животот помина како кранист – работеше на височина, сам во кабина. Бидејќи секојдневниот ручек во нашата фамилија беше настан, имав прилика да слушам за приказните и искуствата на татко ми и мајка ми од работа. Не само што не паметам некогаш да се пожалил од работата и за работата, туку тоа за мене беа моменти што ме научија на вредноста на трудот. Изградив мислење дека беше посветен на работата и ја извршуваше со големо внимание и прецизност.

На Благовештение, на 7 април, татко ми славеше именден. Домот беше полн со гости за кои тој и мајка ми спремаа со љубов и така и ги пречекуваа. Татко ми ги служеше енергично. Имендените ми оставија впечаток дека татко ми и мајка ми го правеа сето тоа не за престиж или статус, туку од искреното гостопримство и гостољубие што ги одликуваа.

Ванче беше човек којшто беше љубен, сакан и почитуван. Знаеше да се пошегува со познати и незнајни, на своја и туѓа сметка. Тешко поднесуваше будалштини и манипулаторско однесување. Татко ми беше интелигентен, тивок и чесен, а понекогаш оставаше впечаток на строг човек. Беше решително на страната на она што беше најдобро во неговите деца, роднините и пријателите. Татко ми беше некој на кој можевме да се потпреме за каква било поддршка што беше неопходна и корисна.

Татко ми и мајка ми ме научија да ги почитувам луѓето, да се борам за саканите и да се грижам за себе. Од нив како заедница научив како да го одржувам домот, да го сакам животот и да го гледам светот со светол дух. Заедно со мајка ми, татко ми ми даде безрезервна слобода да го создавам животот што го сакам, ми ја покажа убавината на животот и ме исполни со надеж.

Го славам и му сум бескрајно благодарен за сѐ што сум и сѐ што имам постигнато.

Ми недостига неизмерно.

26 јануари 2025